Високите цени на енергијата сериозно ѝ штетат на конкурентноста на европските компании на меѓународните пазари и на индустриското производство, предупреди здружението BusinessEurope, барајќи проширување на капацитетите за производство на енергија од обновливи извори.
Европката унија постави цел за климатска неутралност до средината на векот, а оваа цел бара „длабинска“ електрификација на економијата, наведува здружението во студијата спроведена во соработка со економската консултантска компанија „Compass Lexecon“.
Електричната енергија ќе биде главен носител на енергија и во сценариото за контролирана транзиција и во она што го опишува неуспехот на тој процес, забележуваат авторите на студијата.
Според нив, енергетскиот микс на иднината треба во поголема мера да се потпира на водород, биомаса и биометан. Доколку Европа заостанува во развојот на домашните капацитети, ќе мора повеќе да се потпира на увозот, што вклучува и ризици за снабдување.
„Треба да се мобилизираат повеќе приватни инвестиции и да се забрзаат и поедностават процедурите за добивање дозволи за производствени капацитети во енергетскиот сектор, нагласува директорот на BusinessEurope, Маркус Ј. Бејер.
Цените на струјата на големо би можеле да се намалат за речиси 40 отсто со проширување на производните капацитети на најпрофитабилните локации и со отстранување на пречките, нагласуваат од здружението, со намален јаз во однос на конкуренцијата.
Според негативното сценарио, до средината на векот тие би можеле да бидат и до 50 отсто повеќе отколку во САД, Кина и Индија, се вели во студијата на BusinessEurope и економската консултантска компанија „Compass Lexecon“.
Европската енергетска политика може да го ублажи овој јаз, нагласуваат тие, порачувајќи дека проширените производствени капацитети на енергетскиот сектор би значеле поголема безбедност на европските енергетски системи и помали трошоци за зелената транзиција.
Законодавците на ЕУ мора да бидат брзи за енергетската и климатската трансформација да гарантира конкурентност, велат од асоцијацијата.