Витаминка во соработка со Владо Јаневски

Витаминка и Владо Јаневски е новата соработка преку која се промовираат најдобрите македонски производи, а воедно се поддржува македонски поп музичар. Спојувањето на двата силни македонски бренда во различни сегменти ќе придонесе за нивно зацврстување и позиционирање како на домашниот така и на странските пазари.

„Во Витаминка воспоставивме редовна практика којашто полека станува и традиција, да ја поддржуваме македонската музика и нашите музичари затоа што веруваме дека музиката содржи и пренесува вистински вредности. Владо Јаневски е значајно име за домашната современа поп музика и нè радува што повторно се враќа на сцената и што токму ние како компанија застануваме зад него. Искрено веруваме дека и овој пат влегуваме во една долгорочна и соработка што ќе вроди со задоволство за сите страни“, изјави Владимир Трпаноски, Комерцијален директор на Витаминка.

Владимир Трпаноски, комерцијален директор на „Витаминка“ и Владо Јаневски
Владимир Трпаноски, комерцијален директор на „Витаминка“ и Владо Јаневски

Соработката меѓу двата бренда започна со промоција на новиот спот на Владо Јаневски за песната „Ајде води ме“, а ќе продолжи и во следниот период со дополнителни активности и изненадувања.

„Името Витаминка значи вредност, традиција и искрен поддржувач и промотор на современата поп музика. Затоа чест и задоволство е да се застане покрај нешто што е успех веќе 60 години и што е длабоко присутно во нашите секојдневни животи. Од таа причина, покрај тоа што во оваа соработка влегувам со верба, истата има и емотивно значење за мене и мојата работа како музичар“, изјави Владо Јаневски.

Текстот за песната „Ајде води ме“ е авторство на Владо Јаневски, музиката ја напиша Момчило Бајагиќ, снимател и продуцент е Валентино Скендеровски, а аранжманот е на Никша Братош. Се снимаше во загребското студија NB и Enterprise во Скопје. Модел во видео записот, кој се снимаше на локации низ Скопје е Ана Коцева и е во продукција на Томато.