Кинеските производители на мобилни телефони „Vivo“ и „Huawei“ го престигнаа американскиот конкурент „Apple“ во продажбата во Кина минатата година и го симнаа од врвот на рангирањето, покажаа податоците на истражувачката компанија Canalys објавени во четвртокот.
Минатата година, 285 милиони мобилни телефони беа испорачани на клиентите во Кина, четири отсто повеќе отколку во претходната 2023 година, пресметале во Canalys.
Домашниот производител „Vivo“ испорачал најмногу мобилни телефони, вкупно 49,3 милиони, 11 отсто повеќе од претходната година. Неговиот пазарен удел минатата година се зголеми за еден процентен поен и изнесуваше 17 отсто.
„Huawei“ е на второ место со испорачани 46 милиони уреди, 37 отсто повеќе од претходната година. Нејзиниот пазарен удел се зголеми за четири процентни поени, на 16 проценти.
На трето место е американски „Apple“ со продадени 42,9 милиони мобилни телефони, 17 отсто помалку од 2023 година.
„Тоа е најлошата изведба на Apple во Кина“, забележува аналитичарот на Canalys, Тони Жоу.
Пазарниот удел на американската компанија минатата година се намали за четири процентни поени на 15 проценти, ставајќи ја на исто ниво со кинеските конкуренти OPPO и „Honor“.
Во периодот од октомври до декември, „Apple“ испорачал најмногу мобилни телефони на кинеските клиенти меѓу водечките производители, вкупно 13,1 милиони. Бројката е сè уште за 25 проценти пониска отколку во истиот период во 2023 година.
„Vivo“ и „Huawei“ го делат второто место во оваа група со испорачани 12,9 милиони уреди, што е за 14 и 24 проценти повеќе од крајот на претходната година.
Најмногу скокнаа испораките на „Xiaomi“ во периодот од октомври до декември, дури за 29 отсто, со испорачани 12,2 милиони уреди.
„Позицијата на Apple на премиум пазарот на паметни телефони се соочува со повеќе предизвици: континуирано воведување нови модели од Huawei, производство на телефони на преклопување во категоријата со повисока цена и напорите на брендовите со оперативниот систем Android како Xiaomi и Vivo да ги задржат потрошувачите со технолошки иновации“, објаснува Жоу.