„Виз Ер“ го скрати бројот на летови од Балканот: Најпогодени се скопскиот и охридскиот аеродром

Виз Ер го скрати бројот на летови од поранешните југословенски републики, а најпогодени од оваа промена се Скопје и Охрид. Како што се првичните информации, причината за драстичното кратење на летовите е пронајдена аномалија во специфична компонента на моторот, па заради претпазливост компанијата се реши на овој чекор.

1,4 милион луѓе ќе бидат директно погодени отако унгарската авиокомпанија Виз Ер се реши на драстичен чекор и намалување на летовите на Балканот. Ретката аномалија пронајдена во металниот прав при производството на моторот ја натера компанијата да биде претпазлива, па пазарот да се намали кај поранешните републики од Југославија.

Редуциран распоред на летања

Имено, ваквите промени на распоредот со летање следува од 31 март, а ќе трае се до 26 октомври. Летовите се намалени за 22,3 отсто во однос на целиот Балкан на првичниот план, додека капацитетот е намален за 31,5 отсто.

Најпогедени Скопје и Охрид

Аеродромот во Скопје ќе биде со намален капацитет од 25 отсто, а убедливо најмногу ќе биде погоден аеродромот во Охрид. На аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“ капациетот е намален речиси двојно, односно за неверојатни 48 отсто.

Според информациите до кои стигна нашата редакција Виз Ер ќе има и многу прераспределувања на вработени, а голем дел од вработените во Скопје би заминале во Тирана.

И Белград ќе биде погоден од намалувањата

И српската престолнина, Белград, ќе биде погоден од намалувањата на мрежата на Виз Ер. Според информациите таму намалувањата ќе бидат околу 20 отсто.