„Визер“ ги укина летовите од Скопје кон три европски градови

Унгарската ниско буџетна компанија „Визер“ ги укина летовите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста.

На сајтот на компанијата ги нема повеќе овие дестинации со почетокот на зимскиот распоред на летање и повеќе не може да се купат билети.

Засега нема информации дали се укинати само периодично, или трајно.

Летот до Келн се укинува поради високите давачки за услуги од страна на германските власти. Меѓутоа, авиокомпанијата ќе ги зголеми летовите од, и до Дортмунд, така што во ноември и во декември ќе има летови шест пати неделно, а околу Нова година ќе се лета секој ден до оваа дестинација.

Оние кои летаа до Копенхаген, сега ќе може да го користат аеродромот во Малме, кој е блиску до овој главен град на Данска.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски пред неколку дена кажа дека со субвенции од Владата догодина се воведуваат нови четири авиолинии од Скопскиот аеродром. Унгарската „Визер“ доби субвенции за Барселона, Лион и Штутгарт и летовите ќе почнат од 30 јуни, додека „Флај Дубаи“ од март го враќа летот до Дубаи.