Приходите на водечките производители на оружје надминаа 600 милијарди долари во 2023 година, покажува извештајот на шведскиот институт СИПРИ. Водечката улога ја имаат Американците, комбинирани резултати бележат Европјаните, во топ 10 се и Русите, а меѓу 100-те компании се најдоа и три кинески. Ако се изземат валутните текови, приходите на 100-те водечки производители лани пораснаа за 4,2 отсто, односно на 632 милијарди долари, пресметаа во СИПРИ. Шведскиот Институт смета дека растечкиот тренд на приходите веројатно ќе продолжи и оваа година.
Американските компании и лани ја потврдија својата водечка улога во дејноста, со учество на отприлика поволина (317 милијарди долари) во вкупните приходи. Лидер во 2023 година беше Lockhead Martin со приход од 60,8 милијарди долари, пред RTX кој прокнижи 40,7 милијарди долари.
Вкупниот приход на 27-те европски во топ 100, лани изнесувал 133 милијарди долари и горе-долу, се задржал на ниво од 2022 година. Најголем приход забележал Airbus на 12-то место од 12,9 милијарди долари, италијанско Leonardo е 13-ти со приход од 12,4 милијарди долари, француски Thales е 16-ти со 10,3 милијарди долари, германски Rheinmetall е 26-ти со 5,5 милијарди долари. Шведски Saab е 35-ти со приходи од 4,4 милијарди долари.
Рускиот државен холдинг Rostec е седми на листата, со раст на приходите за 49,3 отсто, или 21,7 милијарди долари, проценуваат од шведскиот Институт. Rostec контролира повеќе производители на оружје, вклучително и седум кои се најдоа на листата во изминатите години, но СИПРИ не доби пристап до нивните приходи.
„Официјалните податоци за руското производство на оружје се оскудни и сомнителни, но мнозинството аналитичари сметаат дека производството на нова воена опрема значително е пораснато во 2023 година, со паралелно обновување и модернизација на постоечкиот арсенал. Се смета дека го зголемиле производството, пред сè, на авиони, хеликоптери, дронови, тенкови, муниција и проектили, со оглед на нивната континуирана офанзива во Украина“, вели Нан Тиан, директор на програмата на СИПРИ за производство на оружје и воена потрошувачка.
Позиции меѓу водечките 100 компании со најголем приход обезбедија и три кинески – AVIC, NORINCO и CETC со вкупен приход од 57,41 милијарди долари.