Вкупно 1.132 лица служеле платена војска за две години

Вкупно 1.132 лица доброволно имаат служено воен рок во текот на 2013. и 2014. година. Десет проценти од нив десет се припаднички на понежниот пол.

Македонија е прва земја од регионот која го воведе доброволното служење воен рок, а од Министерството за одбрана истакнуваат дека оваа реформа е едно од круцијалните достигнувања и реформски зафати во областа на одбраната и безбедноста.

-Овој систем се покажа како најдобра опција имајќи ја предвид светската финансиска и економска реалност, како и новите асиметрични предизвици кои постојат на глобално ниво. Со цел задржување на нивото на вештини и знаења од областа на одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија воведоа можност за доброволно служење воен рок, елемент кој е и критериум за влез во професионалниот состав на Армијата, велат од Министерството за одбрана.

Оттаму информираат дека оваа можност во 2013. и 2014. година ја имаат искористено вкупно 1.132 граѓани на земјава.

– Околу 10 проценти од вкупната бројка се жени. Тоа е исклучително важно за нас имајќи предвид дека Министерството е предводник во развојот на родовата еднаквост и родовата перспектива на ниво на Република Македонија, велат од Министерството и додаваат дека професионализацијата на АРМ е значајна придобивка со која се унапредуваат процесите на работа и се влијае на степенот на развој на Армијата.