Вкупно 232 заразени и четири жртви на коронавирусот во БиХ

Бројот на лицата во Босна и Херцеговина кои се заразиле со коронавирусот до петокот вечерта се зголеми на 232, а регистриран е и нов четврти смртен случај.

Од болницата во Бихаќ соопштиле дека во текот на денот починал 67-годишен маж кој е примен како хронично болен, а со тестирањето е потврдено дека бил заразен со новиот вирус SARS-CoV-2.

Меѓу лицата кај коишто во петокот е потврдена заразата е и бебе родено 2019 година, чиешто семејство живее во Широки Бријег.

Заразата е потврдена и кај главниот секретар на Претседателството на БиХ, Зоран Џериќ, па од седиштето на државниот врв во Сараево најавија дека согласно препораките на епидемиолошката служба ќе бидат преземени дополнителни мерки за заштите на здравјето на луѓето, како и мерки за функционирање во услови на прогласена состојба на придордна и други несреќи.

Во вечерните часови во Сараево со специјален лет од Рим е евакуирана поголема група државјанина БиХ кои во Италија останале блокирани по прогласувањето на вонредната состојба и мерките за справување со пандемијата. Сите се препратени во карантин во кој ќе останат до проверка на нивната здравствена состојба.

Со истиот авион во Рим, пак, отпатувала група од стотина државјани на земјите членки на Европската унија кои останале блокирани во БиХ.