Судот на Босна и Херцеговина ја изрече една од најголемите казни за шверц на дрога, осудувајќи ги четирите лица кои криумчареле речиси седум тони марихуана од Црна Гора во Босна и Херцеговина и во Хрватска на вкупно 34 години затвор.
Како што соопшти Државното обвинителство на Босна и Херцеговина, првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина го осуди првообвинетиот Иван Антуновиќ на 14 години затвор, а останатите тројца обвинети на вкупно 20 години за организиран криминал и трговија со дрога.
„Изречени се повеќе од 30 години затвор, заедно со големи парични казни, повеќе стотици илјади марки. Тоа е една од најголемите пресуди за недозволена трговија со опојни дроги. Антуновиќ доби 14 години, двајца со првостепена пресуда се осудени на седум години, а еден обвинет на шест години затвор“, соопшти Обвинителството на БиХ.
Организирана криминална група во периодот од 2012 до 2019 година од Црна Гора преку Босна и Херцеговина во Хрватска прошверцувала вкупно 6,8 тони марихуана, со што на црниот пазар заработила најмалку два милиона евра.
Освен Антуновиќ, Обвинителството на БиХ не го соопшти идентитетот на останатите три неправосилно осудени лица. Обвинителството на БиХ во текот на 2020 година покрена обвиненија против седум лица: пет од БиХ и двајца хрватски државјани.