Вкупно 35 повредени во трките со бикови во Памплона

Шест лица се повредени во петокот во текот на последната трка со бикови по улиците на северниот шпански град Памплона, традиционален деветдневен настан со кој се празнува локалниот фестивал Денот на свети Фермин, па вкупниот број повредени во годинешните свечености кои привлекуваат илјаници туристи од целиот свет се искачи на 35 лица.

Последната трка којашто траеше малку повеќе од две минути, заврши со приемот на пет лица во болница, но ниедна од повредите не е како последица од прободување со рогови, соопшти портпаролката на универзитетската болница во Навара.

„Муѓу хоспитализираните, две лица се потешко повредени, едно лице се здобило со нагмечување на градниот кош, а друго со повреда на главата“, изјавила за локалните медиуми портпаролката Марта Мартин.

Службата на Црвениот крст соопшти дека на шестиот тркач му е пружена лекарска нега во амбулантата во арената за корида во Памплона.

Годинава се повредени вкупно 35 луѓе, но ниеден критично. Најнеобична е секако повредата на 58-годишниот Холанѓанец кој се здобил со мала исекотина на тестисите од удар со рог.

На одбележувњето на свети Фирмин кој секоја година се одржува од 6-ти до 15-ти јули, стотици смели, или лудо-храбри, тркачи во бели маички или кошули со црвени шамии на вратот се обидуваат секое утро во 8 часот во текот на осум дена да им се приближат што повеќе и потоа да им побегнат на шестте бикови за борба на патеката долга 850 метри низ тесните улички на градот до арената за корида.

Трката којашто во 1926 година светски ја прослави и овековечи во својот роман „Сонцето повторно се раѓа“ славниот американски писател Ернест Хемингвеј, привлекува илјадници туристи од целиот свет. Годинава се одбележуваа 100 години од првата посета на Хемингвеј на овој фестивал.

Секоја година во пуштањата на биковите (encierros) повредени се десетици луѓе, а понекогаш има и мртви. Од 1911 година, откако почнало водењето на статистиката, најмалку 16 луѓе ги загубило животите во уличните трки со биковите. Последната жртва е регистрирана во 2009 година кога бик на роговите наби 27-годишен Шпанец.