Вкупно 977 лица заболени од грип

Вкупно 231 лице со симптоми на грип се пријавени последната недела од 2013 година, соопшти Институтот за јавно здравје. Во споредба со бројот заболени истиот период минатата сезона, има зголемување за 2,6 пати, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето е 3,6 пати.

Вкупниот број заболени од грип во Македонија од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 52-рата недела, изнесува 977 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип. Во споредба со истиот период претходната година постои зголемување на вкупниот број заболени за 63,7 отсто, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години, зголемувањето е речиси четири пати.

Заболените се пријавени од 23 извештајни единици, но дури во 14 единици бројот на заболени што е регистриран е помал од 10 за целиот период до 52-та недела. Досега осум единици не пријавиле ниту еден случај на грип/заболување слично на грип.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во декември се пријавени најголем број случаи со симптоми, 606 или 62 отсто, во однос на претходните два месеца од почетокот на сезоната.

Најголем број заболени во однос на бројот на жители е регистриран во Пехчево (40,5/10.000), а вкупно најголем број на заболени (242) има во Тетово.

Бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во Македонија бележи континуиран пораст и се очекува овој тренд на активноста на вирусот на грип да се одржува во наредните недели и месеци.