Во најновиот том од годишниот алманах „Најдобра европска проза“ македонскиот писател Влада Урошевиќ е застапен со четири куси раскази од книгата „Седмата страна на коцката“, која пред неколку години ја објави издавачката куќа „Магор“.
Почнувајќи од 2009-та година, американскиот издавач „Далки аркајв прес“, кој има свои филијали во Лондон и Даблин, на почетокот од секоја година издава нов број од овој алманах со избор на најнови прозни дела на писатели од цела Европа. Во годинашниов том, петти по ред, на тристотини страници, под наслов „Најдобра европска проза 2014“, објавени се преводи на дела на 28 писатели. Тука се застапени автори од западна Европа – Белгија, Велика Британија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Португалија, Финска, Франција, Швајцарија, Шпанија; од источна Европа – Русија, Белорусија, Бугарија, Молдавија, Полска, Словачка, Украина, Естонија, Летонија и Литва, како и од државите настанати на екс-југословенскиот простор – Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.
Четирите прози од Урошевиќ – „Тајните околу нас“, „Демиург“, „Туркач на облаци“ и „Собирачка на камчиња“ – се преведени од Вил Фирт. Во биографиите на застапените автори, за нашиот писател се вели: „Во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, Влада Урошевиќ беше еден од водечките припадници на ’модернистите’, кои беа собрани околу списанието Разгледи и кои се залагаа не само за модернизација на македонската литература, туку и за севкупната либерализација на интелектуалната клима во Македонија“.