Влада: Вработените во школите и градинките ќе добијат плати според предвиденото за време на штрајк

Од денешната седница, Владата упати уште еден повик до СОНК да го прифатат предлогот за покачување на платите од 10 отсто, како и да овозможат учениците да се вратат на настава, а децата да се згрижуваат во градинките.

Исто така, Владата ги задолжи министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, исплата на платите да ја прават согласно законските одредби во услови на штрајк.

Иако СОНК не прифати и бараше повисок процент на покачување, од Владата соопштија дека ги задолжиле двете министерства, како и Министерството за финансии со ребаланс на Буџетот да обезбедат пари за зголемување на платите од 10 отсто.

Од Владата посочуваат и дека ги задолжиле министерствата да ги преземат сите чекори за да се овозможи настава во училиштата и згрижување на децата.

„Владата воедно ги задолжи Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование, и згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк“, велат од Владата.

Министерствата од СОНК ќе бараат и писмено известување врз основа на кој правен акт тие ја прекинуваат наставата во училиштата како и згрижувањето на деца во градинките.

Покрај ова, на денешната владина седница се формирала и работна група од ресорните министри која ќе треба да почне процес за преговори со синдикатот за колективен договор и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

Министерството за информатичко општество и администрација, пак, е задолжено да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор.

Токму за платите во јавниот сектор, денеска од Конфедерацијата на слободни синдикати најавија дека од 26 април секојдневно ќе протестираат доколку Владата дотогаш не ги исполни барањата за зголемување на бодот на 103 денари во бруто-износ, со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18 200, а би се задржал распонот меѓу другите плати.