Владата ја донесе уредбата за минимална плата на функционерите

Владата ја донесе Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба со која тие ќе земат минимална плата од 14.500 денари во месеците април и мај.

При тоа заштедата од реализирањето на оваа Уредба изнесува околу 240 милиони денари за 2 месеци, а се опфатени  1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок дотации.
Со уредбата се опфатени сите избраните и именуваните лица во јавниот сектор, и тоа: пратениците, Претседателот, функционерите кои ги именува претседателот, претседателот на Собранието, функционерите и лицата кои ги избира или именува собранието, претседателот на владата  и избраните и именуваните лица од владата, градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата, согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, именувани лица од владата кои остваруваат право на плата согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува владата.
Со одредбите од оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите, односно лицата кои раководат со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи,  јавните претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост  на државата.

Одредбите од оваа уредба се однесуваат и на назначените државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините, кои остваруваат право на плата согласно Законот за административни службеници како и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на плата согласно Законот за платите на јавните обвинители.
Согласно оваа Уредба на избраните, за месеците април и мај 2020 година на сите  ќе им се исплатува плата во висина на минимална плата утврдена за месец декември 2019 година, во износ од 14.500 денари.