
Изедначена е акциза на екстралесното масло за домаќинствата и дизел готивото. Одлуката вечра ја донесе Владата за да се оневозможи злоупотребата на користењето на маслото за греење спротивно на неговата намена. Во соопштението од владината седница за израмнувањето на акцизите на екстралесното и дизелот се наведува дека со тоа ќе се овозможи и сузбивање на сивата економија, заштита на животната средина, заштита на потрошувачите и пазарот од нелојална конкуренција.
„Ќе се отстранат причините кои го оштетуваа буџетот на државата, граѓаните, како и компаниите кои работат со нафтени деривати“, стои во соопштението.
Инаку најголемата нафтна компанија во земјава „Макпетрол“, но и Стопанската комора на Македонија подолг период бараа изедначување на акцизите на двете горива за да се спречат масовните злоупотреби на т.н. црвена нафта која наместо за греење завршува во резервоарите на возилата. На злоупотреба укажуваше податокот дека потребата на домаќинствата и институциите за есктралесно е 5 милиони литри годишно, а во државата влегуваа над 50 милиони литри. Јавна тајна е дека вишокот завршуваше во резервоарите на возилата како замена за дизел, а црвената нафта иако беше забрането за точење од 15 април до 15 октомври, нејзината потрошувачката и во тој период не се намалуваше. Од пониската акциза за екстралесното кое нелегално се точеше возилата државата губеше по 30 милиони евра годишно.
За ова алармираше и Регулаторната комисија за енергетика која исто така побара изедначување на акцизите, за што по неколку месеци анализа Владата вечра донесе таква одлука.
Ја поздравуваме одлуката на Владата за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со акцизата на дизел горивото која е во интерес на сите, на граѓаните, на државата и на трговците со нафта и нафтени деривати, се вели во соопштението на „Макпетрол“.
„Со израмнување на акцизата ќе запрат злоупотребите што се прават со екстра лесното гориво, со што ќе почне да се користат поквалитетни горива, кои директно ќе влијаат врз намалување на загадувањето на воздухот, а, исто така, ќе донесе поголеми приходи во државниот буџет, што е битно во овие моменти на економска нестабилност, предизвикана од пандемијата на Ковид-19“, стои во дописот на нафтениот гигант.
Од компанијата изразуваат надеж дека пред истекот на важноста на оваа одлука, новиот собраниски состав ќе направи и измени во Законот за акцизи и еднаш засекогаш ќе се реши овој проблем.