Членовите на Владата на денешната седница ја разгледаа и усвоија Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која истовремено е и дел од мерките од Планот за борба против корупција.
-Основна заложба е наведената стратегија да придонесе за зајакнување на капацитетите на националните институции како и на нивната координација во следењето на протокот на пари, како и откривање на можно прикривање и пренесување на нелегално стекнат имот. Како дел од активностите утврдени во „Планот за борба против корупција“ се очекува нејзината имплементација да придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата, се наведува во соопштението од владината седница.
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски на денешната седница, во рамките на точката Информација за степенот на реализација на мерките од Планот за борба против корупција, информираше дека до крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите ќе бидат подготвени и доставени до Собранието.
-Формираната работна група составена од сите надлежни институции, веќе работи на подготовка на измените и дополнувањата на потребите закони за дигиталната трансформација, информира владината Прес-служба.
Дополнително, на денешната владина седница е донесена одлука за формирање на уште една работна група којашто ќе работи на дефинирање и усогласување во делот на опремата што треба да ја набават институциите за дигитализација на процесите.
-На седницата беа презентирани и предлози за институциите кадешто е неопходно физичко присуство на службено лице во работата со граѓаните, да се регулираат преку видео надзор и боди камери, како механизам за превенција од коруптивни дејствија. На седницата беше донесена одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата. Министерството за правда во соработка со Јавното обвинителство ја достави анализата за потребната кадровска и техничка екипираност на обвинителствата, се додава во соопштението.
Според владината Прес-служба, Министерството за економија го подготви Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, со кое законско решение се намалува бројот на членови на управни одбори, и тоа во државните претпријатија од 15 на 7 члена, а во општинските на 5 члена, а кај надзорните одбори бројот на членови се намалува од 5 на 3 члена. Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и како и висината на надоместокот.
-Вицепремиерот Николовски, на седницата информираше дека паралелено, институциите ги спроведуваат задолженијата за подготовка на интерни процедури за јавни набавки, годишна Антикорупциска програма, назначување на лице за внатрешно пријавување, се додава во соопштението.
Исто така, на денешната владина седница се усвоени измените и дополнувањата на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата.
-Според препораките од ГРЕКО, со новите измени и дополнувања, разграничена е функцијата на лицето за интегритет кое што дава советувања за етички прашања и членот на Владата назначен за следење на спроведување на Кодексот. Меѓу другото со измените и дополнувањата, проширен е опсегот на лица кои подлежат на Кодексот, односно покрај носителите на јавни функции, советниците кои ги именува претседателот на Владата и посебните советници во министерствата, сега ќе бидат опфатени и секретарите и помошниците секретари во Секретарјатите во Канцеларијата на претседателот на Владата, се додава во соопштението.