„Факт е дека Владата предложи законско решение во кое што беше предвидено зголемување на данокот на додадена вредност за пелетите. Факт е дека потоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа амандман и исто така е факт после неколку дена пратениците на СДС поднесоа ист таков амандман велејќи дека тие се тие што немало да дозволат зголемување на ДДВ. Е, сега се поставува прашањето дали се тие оние исти пратеници од владејачката коалиција кои претходно седум закони што беа дел од проектот „Бехтел и Енка“ без да ги прочитаат, без да го видат Договорот со „Бехтел и Енка“, ги ставија во собраниска процедура или се пак оние истите кои имаат проблем, што значи два – три дена порано, а што значи два – три дена подоцна“, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во ТВ Тера.
Мицкоски додаде дека е потребно да се намали данокот на додадена вредност и на сметките на електричната енергија со цел да не трпи стандардот на граѓаните на Република Македонија.
„Стандардот на граѓаните трпи удари не само од зголемените даноци туку и со инфлацијата која цела година руши рекорди. Ние не сакаме да имаме политички кредит од сето ова, нека бидат пратениците од СДС еве тие и нека ги предложат овие амандмани, а јас ви ветувам како Коалиција и пратеничка група тоа ќе го поддржиме во Парламентот. Нека бидат тие кои што ќе побараат повлекување на овие закони од собраниска процедура и кои што ќе предложат амандмани“, укажа Мицкоски.