Владата дава зелено светло за минималната плата која ќе ја договорат синдикатите и работодавците

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува’’, говореше за транспарентноста и чесното работење на Владата, во однос на договорот за минимална плата, при што е оставено на работниците и работодавците да се договорат околу износот.

„Се даде можност на двете спротивставени страни, а тоа се Организацијата на работодавачите и синдикатите, да седнат и да се договорат и она што ќе го договорат оваа Влада ќе го прифати. Тоа јасно и гласно го кажа премиерот Христијан Мицкоски’’, истакна Ристески.

Тој го оправдува револтот на граѓаните околу цените во маркетите и ги повикува тие да се вразумат, за да нема потреба од ургенции на Владата.

„Треба да се вразумат маркетите, имаат период да ги симнат цените на едно нормално ниво, ние не велиме да немаат профит. Кој би работел без профит, треба да внимаваме и на таа страна. Значи производители, добавувачи, маркетит, не треба да работат со загуби, како што било во претходната власт. Тие, нормално, вработуваат луѓе, влијаат на економскиот раст, меѓутоа да има едно стабилно ниво на цени кое одговара на економските прилики и состојби и во Македонија и во регионот“, појасни Ристески.

Околу Законот за нефер трговски практики, заменик министерот за економија и труд нагласи дека Законот што го спроведувале, не бил докомплетиран поради тоа што немало формирана Комисија за заштита на конкуренцијата.

„Сега е се комплетирано, излезени се луѓето на терен и КЗК треба комплетно да ги проверува овие договори и аки постојат нефер трговски практики да ги казнува. Казните се големи до 20 илјади евра. Се надевам дека во текот на овој месец, доколку се утврдат вакви неправилности, ќе ги слушнеме и првите казни за маркетите или добавувачите“, потенцираше тој.

На крајот напомена и за унгарскиот кредит, кој според него, е еден од најповолните до сега, со кој ќе се вбризга финансиски средства во бизнисите и во општините.

„Владата зеде еден од најповолните кредити со 3,25% каматна стапка што навистина е во оваа пазарна економија и можност на пазарот за кредитирање на една држава е еден од најниските проценти на каматна стапка. Исто така, условот за да користат кредити е уште пониска каматна стапка 1,95% што досега не се случило. Корисниците ќе имаат можност 20% учество со свои финансии, остатокот ќе биде од кредит обезбеден од комерцијалните банки преку развојната банка. Јас ги повикувам сите претпријатија и бизнис секторот, сите правни субјекти во Македонија да го искористат проектот“, заклучи Ристески.