Владата додели 80 тони нафта за градежната механизација ангажирана во Тетово

Две посебни одлуки се донесени на денешната вонредна седница на Владата за помош во санирањето на последиците од невремето во Тетово и тетовско, информираше вицепремиерот Владимир Пешевски, кој истовремено е и раководител на владиното Координативно тело за справување со последиците од поплавите во тетовско, при денешната посета на Порој.

Првата е одлуката за доделување на 80 тони нафта за потребите на градежната механизација ангажирана за расчистување на наносите од поплавите во регионот бидејќи иако дел од механизацијата е ангажиран од Дирекцијата за заштита и спасување, дел е ангажиран од локалната самоуправа која има потреба за нафта за машините, изјави Пешевски.

Втората одлука е донесена во координација со Управата за раководење со одземени предмети според која доделени се околу 20.000 парчиња како облека, ќебиња, прибор за јадење, чинии, но и ранци и друга опрема наменета пред се за семејствата во Тетово и тетовско кои претрпеа големи штети од поплавите.

Војници помагаат да се расчисти теренот во тетовско - ќе се обновуваат два моста
Војници помагаат да се расчисти теренот во тетовско – ќе се обновуваат два моста

Со оваа мерка очекуваме да им помогнеме на погодените семејства да почнат во нормализирањето на животот. Иако е тоа само почеток, ние ќе продолжиме постојано да ја следиме состојбата и да интервенираме спрема потребите, рече Пешевски.

Пешевски информираше и дека е пробиен со една коловозна лента три дена блокираниот регионален пат Тетово – Јажинце и додаде дека се очекува сообраќајот да биде нормализиран во текот на утрешниот ден, кога ќе биде пробиена и втората коловозна лента.

Во моментот патот се користи од тешката механизација и камионите ангажирани за расчистување на над 200.000 кубни метри кал, камења и други наноси кои беа донесени од Поројска Река при големото невреме што го зафати регионов во понеделникот.