Владата донесе одлука за кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена

На седницата, којашто се одржа доцна вечерта во саботата, поради топлотниот бран со кој извесен период е зафатена земјата и состојбата со пожарите, Владата одлучи кризната состојба да биде во траење од 30 дена.

Како што информираат од Владата, Министерството за внатрешни работи се задолжува да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.

Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.

„Да се информираат претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија за донесената Одлука за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, согласно член 31 од Законот за управување со кризи. За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија, а врз основа на дадениот предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Владата на Република Северна Македонија му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба“, се вели во соопштението на Владата.