Владата ќе го раскине договорот со „Инвока гроуп“ за набавка на спорниот софтвер

Владата ќе го раскине договорот со фирмата „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје, склучен на 11 август 2020 година за за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции. Одлуката била донесена на денешната 72 владина седница.

Владата го задолжила Генералниот секретаријат, согласно Законот за јавни набавки, да побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции, се наведува во соопштението.

Покрај ова, Генералниот секретаријат на Владата е задолжен да склучи нов Договор за групна набавка и да ги извести сите засегнати државни иснтитуции, вклучително Царинската управа, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје е раскинат.

Набавката на спорниот софтвер се случила во време кога државата ја раководеше техничката влада формирана за да ги спроведе предвремените парламентарни избори, кога Генерален секретар беше Драги Рашковски.

На почетокот на април, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција изврши претрес во седиштето на фирмата „Инвока гроуп“ и во домот на сопственикот на фирмата, Даниел Станчевски. Подигната била обемна документација. Рашковки и Станчевски прво добија мерка домашен притвор, кој им беше заменет со ефективен на 21 април. И двајцата беа спроведени во истражниот затвор во Шуто Оризари.