Владата ќе гради современ Центар за податоци

Владата ќе гради современ центар за податоци во Скопје каде сите органи на државната управа ќе ја ко-лоцираат својата опрема, најави портпаролката на владата Марија Митева. Проектот е дел од поединечните проекти за 2025 година.

– Со ова државата ќе оствари значителни заштеди за ко-локациски услуги. Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација – изјави Митева.

Очекувана вкупна сума на проектот, посочи Митева, е до 40 милиони евра, а со Буџетот за 2025 година предвидени се два милиони евра за изработка на физибилити студија и утврдување на локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.

Обезбедени се и 40 милиони денари во Буџетот и преку останати проектни фондови. Митева најави дека Владата ќе работи на дигитализација на најупотребуваните јавни услуги за граѓаните и компаниите – електронско испраќање барања и добивање на потребните документи преку компјутер или паметен телефон.

– Се дигитализира добивањето државјанство во МВР, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот на uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги – изјави Митева.

Преку проектот во вредност од 60 милиони денари ќе се работи и на системско поврзување на институциите за споделување на документи. Засега само 20 институции користат заеднички систем за електронско работење, а со проектот тој број ќе се зголеми за најмалку 10.

Вкупниот проектен буџет за информациски и комуникациски проекти на Министерството за дигитална трансформација за 2025 година е поголем за 200 проценти, споредено со претходните години – од 154 милиони денари во 2023, 182 милиони денари во 2024, на 365 милиони денари во 2025 година, информираше портпаролката.

Нашата цел како Влада, нагласи Митева, е да го трансформираме македонското општество во дигитално општество.

– Дигиталната трансформација значи посилна поврзаност и подобра иднина за сите нас. Затоа за само неколку месеци по преземањето на власта предвидовме нови 80 електронски услуги, зголемена поврзаност на институциите и фокус на сајбер безбедноста. Преку овие проекти и вложувањето во дигитализацијата ја осигуруваме нашата позиција во дигиталниот свет – истакна Митева.