Владата ќе иницира уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот

Владата ќе биде таа што ќе иницира уставни измени кои и официјално се услов за комплетирање на воведната фаза, и отворање на првите поглавја од преговорите, потврди вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Останува неизвесно кога точно ќе почне процедурата за внесување на Бугарите и останати заедници во Преамбулата, но според Маричиќ, тоа нема да биде пред летните одмори, а мора да заврши најдоцна до крајот на скринингот. Владата, како што кажа, ќе работи да се создаде атмосфера за разумен политички дијалог во Собранието и со сите општетсвени фактори и експерти, наместо тензии како досега, за да се дојде до потребното двотретинско мнозинство.

-Ние се уште немаме утврден календар за уставни измени, но тоа е обврска која треба да ја завршиме најдоцна до крајот на скринингот. Внимателно ќе ги разгледаме околностите, атмосферата, дијалогот во Собранието. Целта е да завршат успешно…. Секако ќе биде по летните одмори. Тогаш ќе можеме да говориме за точен календар, изјави Маричиќ.

Процесот на скринингот, кој денеска го објаснуваше вицепремиерот, официјално почнува во септември, а треба да заврши до ноември следната година година, согласно временската рамка од ЕК. Тој ги претстави шесте кластери на преговарачки поглавја и појасни за секоја од нив какви се нашите обврски и начинот за нивно усвојување.