Владата ќе одлучува за поголема акциза на нафтените деривати

Се поизвесно е дека нафтените деривати ќе поскапат, и покрај тоа што бизнис заедницата и граѓаните бурно реагираа на предлогот на Стопанската комора за зголемување на акцизата за 2 денари.

Владини извори калкулираат и со раст од 3 денари, апретседателот на Регуларната комисја за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски вели дека последниот збор ќе го има Владата, но дека факт е оти цените на горивата поевтиниле за 20 денари во последниве 2-3 месеци, со што се намалиле и приходите од ДДВ во државната каса.

Во саботата министерката за финансии Нина Ангеловска потврди дека се прават опсежни анализи и акцизите на нафтените деривати ќе одат нагоре, но дека нема да се изедначи акцизата за екстралесното масло со дизелот. Тоа го побарала една од стопанските комори за да се спречат злоупотребите со екстралесното масло кое наместо во домаќинствата, се користи како погонско гориво.

Меѓутоа, стопанствениците се жалеа не само поради мерката пораст на акцизите, туку и поради двата сета мерки кои ги донесе Владата. Бараат поголема, односно целосна поддршка за исплата на минимални бруто плати.

Владата веќе пресмета дека зависно од тоа колку ќе трае коронакризата и колкав ќе биде падот на приходите, буџетската дупка ќе се зголеми за дополнителни 700 милиони до 1,3 милијарди евра. Ангеловска посочи дека пад од дури 15% на БДП се очекува во вториот квартал, односно во април, мај и јуни.