Граѓаните во Скопје и општините во градот нема да плаќаат повисоки сметки за парно бидејќи Владата нуди да плати 80 отсто и предлага општините да ги доплатат останатите 20 отсто од зголемениот дел од сметката. Оваа одлука на Владата доаѓа по одлуката на РКЕ во декември да ги зголеми сметките за парно за 14%. Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски попладнево ги повикаа компаниите кои испорачуваат топлинска енергија за граѓаните, за Градот Скопје и за општините во него да го прифатат нивниот предлог. Според првичните проекции и сегашната цена на природниот гас, оваа мерка во рок од една година Владата ќе ја чини околу 5 милиони евра, а општините заедно околу еден милион.
„Владата во координација со сите надлежни институции од енергетскиот сектор и во консултации со РКЕ им предложи на компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, разликата од актуелната до реалната цена на топлинска енергија да ја покрие Владата во висина од 80%, а останатите 20%, со цел да се покрие целата финансиска конструкција и да се постигне сигурност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците, иако е минимален дел, ги повикуваме да ги покрие Град Скопје и општините во Градот Скопје.“
Владата средствата ќе му ги исплати на БЕГ во име на граѓаните, а БЕГ ќе има обврска да им ги намали сметките на корисниците. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, вели дека мерката е во служба на граѓаните.
Ова се однесува на сите компании од оваа дејност на град Скопје за цела 2022 година. Предлогот за оваа мерка доаѓа од Владата и покрај тоа што некои од општините се најголема причина за кризата со греењето поради големите долгови.