![fatmir bitiki](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/03/fatmir-bitiki.jpg?resize=696%2C504&ssl=1)
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска изјави дека Владата е подготвена да помогне граѓаните на референдум да се изјаснат за „Иловица“, со цел да се слушне нивниот став околу рудникот.
„Ние кажавме и ставот е јасен – ако граѓаните кажат дека не сакаат да има рудник, ние соодветно ќе постапиме кон тоа. Мислам дека еднаш таму имало изјаснување на граѓаните, само во Босилово. Ние сме спремни да помогнеме сите граѓани од целиот регион се изјаснат на референдум да кажат дали сакаат да има или да нема рудник“, изјави Битиќи одговарајќи на прашање на новинарите по посетата во компанијата „Сивус“.
Во однос на утрешната седница на Владата на која министерот за економија Фатмир Бесими треба детално да елаборира за случајот „Иловица“ по одлуката за спојување на двете концесии за наоѓалиштето на бакар и злато, Битиќи рече дека не е запознаен дали процедурата налага да се потпише анекс.
„Утре имаме седница на Влада на која министерот Бектеши беше задолжен да реферира за сите судски и други правни постапки кои што се преземени за ‘Иловица’ наназад, од 2012 година до денеска. Откако ќе ги слушнеме сите моменти, ќе се знае следниот чекор“, рече Битиќи.
Тој потврди дека на владината седница кога било изгласано спојување на концесиите, имало одредена расправа.
„Не можам да кажам колку време траела затоа што никој не брои минути на расправа на точки на дневен ред, но имаше расправа. Утре ќе има сигурно многу повеќе дебатирање за оваа точка“, рече Битиќи.
Претходно, минатата недела, на брифинг со новинари министерот за економија Фатмир Бесими рече дека расправата за оваа точка траела дваесетина минути. На прашањето дали Владата ризикува да плаќа пенали на инвеститорот доколку повторно се одземе концесијата за рудникот, Битиќи рече дека не ги знае сите правни моменти, дали ќе треба да се плати или не.
„Не знаеме што точно ќе биде исходот и затоа не можеме да прејудицираме. Да почекаме утре на одлуките на Влада“, рече тој.