Владата ќе се освежува со дотраените Пенов и Шилегов

Откако поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, потврди дека ја прифатил понудата да биде министер за локална самоуправа во Владата, денеска се погласни се гласините во политичките кулоари дека ќе следат уште неколку рокади во тимот на премиерот Димитар Ковачевски

Како што изминатите седмици се зборуваше, Пенов решил активно да се врати во политиката и да го води ресорот што ѝ припаѓа на неговата Либерално-демократска партија, а кој досега го водеше актуелниот лидер на ЛДП, Горан Милевски, кој поднесе оставка од должноста.

Покрај тоа, се шпекулира дека премиерот ќе оди во ремонтирање на својот владин кабинет со свои сопартијци, па Миле Зечевиќ кој дојде на позицијата генерален секретар на СДСМ со преземањето на Ковачевски на владејачката партија, ќе го замени Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи.

Според истите извори, поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, ќе биде згрижен во Министерството за транспорт и врски на местото од Благој Бочварски.

Засега нема информации на кои позициите би заминале досегашните социјалдемократски министри кои ги поолнуваат двата споменати ресора. Неодамна, во медиумите се пишуваше за наводен судира на две фракции во СДСМ, во обидот Ковачевски да воспостави целосна сопствена контрола во некои важни државни институции.