![talat-dzaferi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/talat-dzaferi.jpg?resize=696%2C401&ssl=1)
Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ се осврна на предложените промени во составот на техничката Влада која тој ја предводи при што истакна дека Владата функционира целосно и непречено, а во рамки на надлежноста.
„Владата функционира потполно. Преземени се активности и мерки по однос на решавање на статусот на дел, односно на членови на Владата соодветно на процедурата која е пропишана и надлежностите дадени со Устав“, изјави премиерот Талат Џафери во интервјуто за „Дојче Веле“.
Џафери воедно потенцираше дека не може да коментира изјави на членови на Влада кои ги даваат од име на партиите и како членови на партиите, посочувајќи дека негов примарен фокус се надлежностите кои ги има како претседател на Владата.
„Јас сум претседател на Владата и одговорам за Владата. Јас водам сметка да ја водам по однос на законите, прописите и процедурите и функционирањето на Владата“, дециден е Џафери.
Прашан за тоа каква е соработката со министрите од опозицијата, техничкиот премиер потенцираше дека односот е соодветен и колегијален и дека сите членови на Владата без оглед на тоа од кој субјект доаѓаат, ги имаат истите права и обврски и истиот третман.
„Без оглед на она што се позиционо определени, односно како дел од опозицијата се влезени во Владата, како дел од пржинскиот договор, тие се членови на Влада со полно право и надлежност да спроведуваат она што е работа на Владата“, истакна Џафери за „Дојче Веле“.