Владата ги објави платите на министрите на старо-новиот состав на Владата, на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Kоефициентот на бодот за износот на месечните плати на премиерот и на министрите е идентичен со оној на претходниот состав на Владата.
Платата на Ковачевски, заедно со минат труд изнесува 88.260 денари, а најголема плата меѓу министрите, има Оливер Спасовски – 86.324 денари.
Инаку, премиерот, министрите и заменик-министрите ги избира и ги разрешува Собранието на Република Северна Македонија. Во постапката за избор се определува и коефициентот за пресметка на месечната плата.
Така, основната плата и на премиерот Ковачевски, како и на неговиот претходник Заев е 78.896 денари. Ковачевски за минат труд добива 9,364 денари.
Единствено на министерот за внатрешни работи, Спасовски, му се утврдува зголемување за 20 проценти на платата утврдена за извршување на функцијата, поради што тој има и најголема плата меѓу министрите.
На сите министри основната плата им е 65.026 денари, а варијациите се поради ставката минат труд. Тие може да се видат на сајтот на Владата ((https://vlada.mk/plati).