„Град Скопје не успеа да ја врати на време ратата што беше дел од обврските за набавка на автобусите во минатото, таа е во висина од над 50 милиони денари основен долг. Основниот долг е околу 42, 43 милиони денари, другото е камата“, изјави денеска Христијан Мицкоски, претседателот на Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека министерката за финансии го известила дека нема одговор од надлежните од Град Скопје за тоа дали може да ја сервисираат обврската, па морала таа да преземе обврска и да го плати долгот.
„Министерката за финансии ме информира, по немање одговор од Градот, нормално и по ургенција на доверителот односно банката, и мораше да преземе чекори и да го плати долгот на Градот Скопје бидејќи тој не успеа тоа да го направи. Се поставува прашањето, дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме дополнителни чекори за друг тип на интервенции и обврски што ги има Градот, а кои гледаме дека не ги извршува навремено. Посебно тука мислам на делот на хигиената“, кажа Мицкоски и посочи дека секојдневно има поплаки за хигиената во главниот град.
„Секојдневно граѓаните реагираат. Јас ова прашање ќе го отворам на следната седница и ги повикувам надлежните во Комунална хигиена во Скопје да работат, за тоа за што се платени, за што ги плаќаат граѓаните, бидејќи ова што денеска се случува во Скопје личи на се, само не на главен град на држава, дел од НАТО Алијансата и кандидат за членство во ЕУ. Мора да си го поставивме прашањето што е суштински важно, не што зборуваме, туку што правиме во име на тие вредности“, изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека доколку нема прогрес односно промена на лошата состојба во Скопје, на следната владина седница ќе го отвори оваа прашање.
„Оваа обврска што требаше да ја исполни Град Скопје од повеќе од 50 милиони денари кон доверителот, не ја сервисира, и тоа го направи Министерството за финансии. Се надевам дека со домаќинско работење во периодот кој следи, ќе можат да си ги сервисираат обврските. И повикувам и апелирам да се работи за интересот на граѓаните во главниот град како и во сите општини затоа што граѓаните тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски и додаде: „Ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзано со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму во она што е обврска на Владата, а тоа е да дејствува во името на повиците кои што ги добиваме на дневна основа од скопјани.“