Владата ги усвои законските измени за азил

Според предложените измени во Законот за азил секој мигрант што ќе ја помине границата ќе добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа, по што ќе мора да ја напушти Македонија или да побара азил.

Законските измени синоќа беа усвоени од страна на Владата, а по итна постапка ќе одат на расправа во Собранието на Република Македонија.

Владата донесе одлука да се формира работна група од министрите за надворешни работи, за здравство, за полиција, локална самоуправа и социјала која ќе ги следи состојбите со мигрантите и ќе презема мерки и чекори во согласност со своите надлежности.

Според се уште важечките законски одредби мигрантите не смеат да се возат во јавен превоз. Досега на пругите во Македонија загинаа 27 лица.

Вчера во Скопје, пред прифатниот центар Гази Баба се одржаа протести во кои граѓански организации побараа подобри услови за мигрантите сместени во Центарот за азил.