Владата го доби предлогот од француското претседателство за деблокада на евроинтерграциите

Владината pрес-служба попладнево потврди дека до Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска

– Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, се наведува во соопштението.

Од Владата посочуваат дека како и што ветија „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.

– Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, се додава во владиното соопштение.

Пред малку на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.

Како што јави МИА од Брисел, Макрон изразил надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

– Премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото, потенцира Макрон.