![Besimi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/11/Besimi.jpg?resize=696%2C422&ssl=1)
Во Предлог-буџетот за 2023 година, што Владата денеска го усвои на седница, приходите се проектирани на 282,05 милијарди денари, а расходите на 324,8 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит е проценет на 42,75 милијарди денари.
Повеќе детали за Предлог-буџетот за 2023 година ќе презентира министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција закажана за 14 часот.
На владината седница, како што информира владината прес-служба, усвоен е и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2023 година.
Во буџетот за следната година се очекува да влезат и 80 милиони евра како директна помош од ЕУ, што беше најавено при посетата на претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на 26 октомври.
„Обезбедивме пакет за енергетска поддршка за целиот Западен Балкан, тој започнува со грантови – 80 милиони како итна буџетска поддршка за Северна Македонија кои треба да ѝ помогнат да се соочи со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз вашите граѓани и бизниси. Ова ќе го завршиме до крајот на оваа година за да можете да ги добиете средствата веќе во јануари“, рече претседателката на ЕК на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски, пак, тогаш рече дека овие пари во најтешките месеци (јануари, февруари и март) ќе се може да се бидат искористени за справување со кризата односно за мени кои ќе ги предвиди Буџетот за 2023 кој, најави премиерот, наскоро ќе биде одобрен од Владата и ќе влезе во собраниска процедура.