
Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги осудија нападите врз новинарите што се случија вчера за време на протестите после судските одлуки во случајот „Монструм“.
„Во демократски општества секој има право на изразување незадоволство, но насилничките инциденти се неприфатливи и недозволиви. Поаѓајќи од својот јасен став за нула толеранција за ваквите инциденти, Владата укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран и дека сите институции во државата, како и обвинителството и судовите, треба да постапуваат максимално брзо и професионално за кој било напад или закана против медиумските работници“, се наведува во реакцијата на Владата.
„Секој вид на напад на медиумските работници, без разлика дали е вербален или физички, како и секое попречување на нивната работа, претставува загрозување на слободата и правото на информирање и се апсолутно неприфатливи“, се наведува во денешното соопштение од АВМУ .
Агенцијата апелира на медиумските работници да им се овозможи слободен, непречен и безбеден пристап до сите настани, особено до оние од јавен интерес.