И следната година продолжува владиниот проект за самовработување преку кој државата доделува неповратни средства во висина од 3.500 евра за отворање на бизниси и самовработување
Целта на овој проект е да се поддржат невработените лица во основање сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка (неформална) дејност и во создавање дополнителни вработувања.
Проектот вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали, и менторство во време на започнување на бизнисот.
Во текот на 2016 за оваа мерка веројатно ќе бидат распишани два огласи од кој првиот ќе биде распишан веќе во текот на јануари, што претставува еден соодветен период во кој сите лица кои имаат идеја и интенција да ја искористат оваа извонредна можност за отворање на бизнис преку добивање на неповратни средтсва од страна на владата, да може да ги проучат можностите и да почнат да изготвуваат бизнис планови во кои ќе аплицират во рамки на огласот. Ова е соодветен период во кој сите лица кои не се на евиденцијата на АВРМ да се пријават и на тој начин да се стекнат со можност да ги користат можностите при аплицирањето на самиот оглас, истакнува владиниот портарол Александар Ѓорѓиев.
Во текот на 2016 година ќе бидат доделни неповратни грантови за отворање на 920 фирми, во кои ќе се обезбедат вработувања на 970 лица, од причина што во околу 50 од отворените фирми Владата ќе подржи со финансиски средства вработувања на по две лица. Најмалку 300 од овие фирми кои ќе бидат подржани со владини средства ќе бидат фирми кои ќе бидат основани од млади лица до 29 години кои се невработени и се наоѓаат на евиденцијата на АВРМ.
Она што е значајно е дека за лицата кои ќе отворат сопствен бизнис и ќе се самовработата(или во вториот случај ќе се самовработат и ќе вработат уште едно лице покрај нив) важат условите од проектот Македонија вработува со кој се ослободуваат од плаќање на социјални придонеси и персонален данок.
По објавата на огласот и аплицирањето на заинтересираните невработени лица, 1.500 од лицата кои аплицирале ќе стекнат право да добијат обука за претприемништво. Од нив 1.050 ќе бидат избрани за поддршка за изработка на бизнис план. 920 невработени лица кои доставиле најдобри бизнис планови ќе добијат помош при регистрација на сопствен бизнис и ќе добијат грант во форма на опрема и/или материјали за започнување на бизнисот.
За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства во висина на 201.600 денари, од кои 185.000 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали, додека останатите 16.600 денари служат за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис во времетраење од најмалку 30 часа, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите.
За лицата за коишто во процесот на аплицирање ќе се утврди дека преку оваа програма ќе формализираат постојан бизнис, ќе се организира 30 часовна обука за унапредување на претприемачките и менаџерски вештини. И за оваа група учесници, се предвидува поддршка со неповратни средства во висина на 201.600,00 денари од кои 185.000,00 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали, додека останатите 16.600,00 денари служат за обезбедување на горенаведената обука, ваучер за изработка на бизнис план и помош при регистрација на сопствениот бизнис.
Најуспешните 15 кандидати (од 900 селектирани за поддршка) кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно критериумите за евалуација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст ќе добијат грант во вкупен износ од 257.000,00 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали.
Кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на најмалку две лица за успешно функционирање на бизнисот но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување, имаат можност да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на фирмата и дополнително вработување за најмногу 1 лице. Во тој случај, средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 293.600,00 денари од што 201.600,00 денари за реализација на самовработувањето и отворање на бизнисот и 92.000,00 денари за дополнително вработено лице. Основачот на правниот субјект ќе има обврска да го задржи дополнително вработеното лице најмалку 12 месеци. Вкупниот број на бизниси што ќе бидат поддржани со грант за самовработување и дополнително вработувања ќе биде 50.
Доколку некој од најуспешните 15 кандидати со иновативни бизнис планови предвидуваат дополнителни вработување и при тоа од комисијата нивниот бизнис план е селектиран меѓу најуспешните 50 бизнис планови, на овие кориснци ќе им се одобри и дополнителен грант од 92.000,00 денари. Во тој случај, вкупната поддршка за набавка на опрема и/или материјали ќе изнесува 349.000 денари.
Програмата самовработување нема да поддржува основање на бизнис во земјоделска дејност – Растително и животинско производство, лов и услужни дејности поврзани за нив, Трговија на големо и дистрибуција, Производство и дистрибуција на оружје, Финансиски и осигурителни бизниси и активности кои вклучуваат игри на среќа, Бизниси од областа на транспортот (такси превоз); Активности поврзани со недвижнини, Консултантски услуги, Приоритет за вклучување во Програмата ќе имаат невработените лица кои првпат аплицираат за користење на грант.