Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб. Ова е само прв чекор од производите наведени во одлуката на Владата за кои ќе следи замрзнување на цената. Ќе има и нови одлуки, се прават анализи за тестенините, а тие средства ќе се користат за укинување на некои давачки, изјави на денешната прес-конференција Министерот за економија Крешник Бектеши.
Од Агробизнис комората не се согласуваат со одлуката за замрзнување на цените. За „Сител“ изјавија дека е неизвесно како фурните ќе се справат со трошоците, па можно е или да стават клуч на врата или рафтовите во маркетите да ги остават празни.
-Секоја од компаниите ќе си направи внатрешни анализи, ќе си утврди дали може да го издржи тој удар, како тоа би се однесувало за трошоците кои ги има за самото производство и согласно тоа, ќе си заклучи секоја компанија што би правела во иднина. Можни се сите опции, не би можел сега да коментирам што би се случувало во блиска иднина. Меѓутоа, сметам дека требаше посериозно да се разговара, да не се брза со вакви одлуки, рече сопственикот на „Специјал“, Горан Ѓорѓиевски, кој е претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.