Владата ја задолжи државата со 10,6 милиони евра

Министерството за финансии на денешната аукција издаде државни хартии во вредност од 652 милиони денари или 10,6 милиони евра.

Сегашните камати за државни хартии од вредност, се движат од 1,45 отсто до 3,8 отсто во зависност од рочноста. Тие се двојно пониски во однос на каматата на старите долгови кои се сервисираат. За споредба, посочуваат од Министерството, каматата кон Дојче Банк изнесуваше 6,456 отсто.

Во соопштението се наведува дека во периодот од јуни до денеска, Министерството за финансии има вратено стари долгови во износ од 122,5 милиони евра. За овој период државниот долг е намален, а официјалните податоци за тоа колку изнесува истиот за вториот квартал од годинава ќе бидат објавени на веб-страната на Министерството за финансии на 31 јули 2017.

„Средствата кои досега беа повлечени беа искористени за враќање на доспеани, наследени долгови, но и за тековно финансирање на Буџетот“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.