![vlada](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/08/vlada-1.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
На денешната седница Владата на Република Македонија донесе одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Македонија и странските инвеститори во Република Македонија.
„Согласно Законот за класифицирани информации и согласно препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, покрената е постапка според која Владата на РМ ќе ги направи јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори. На денешната седница, владата донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори“, наведуваат од Владата на РМ.
За ефикасно спроведување на оваа одлука, наведуваат, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании во земјата, и утврди рок од седум дена за реализирање на оваа иницијатива на владата.
Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со „Планот 3-6-9, додаваат од Владата.