Премиерот Никола Груевски денеска најави нов мега проект кој ќе им овозможи на лицата до 35 годишна возраст полесно да дојдат до сопствен дом.
Toj најави дека проектот ќе стартува најдоцна до 1. февруари идната година и потенцира дека средствата кои ќе ги додели Владата се неповратни.
Владата со проектот „Купи куќа, купи стан“ на младите до 35 години без разлика дали се во брак или не преку 2 модела кои ќе може да се изберат ќе им даде можност да добијат неповратни средства за да купат куќа.
Првиот модел предвидува Владата да исплаќа субвенции за месечната рата во период од 11 од вкупно 20 години, од кои првите 8 години во износ од 80 отсто од сумата која ги вклучува главницата и каматата, а наредните три години 50 проценти.
Кај вториот модел се предвидува Владата да исплаќа субвенција во висина од 100% од средства за учество во кредитот за стекнување со куќа, а понатаму кредитот младиот човек сам ќе си го исплаќа.
-Субвенцијата ќе се однесува и овој проект ќе важи за купување на новоизгардени куќи од градежни компании со цел потоа да се продадат, куќи во кои треба да се всели прв сопственик или изградба на своја куќа, надградба и доградба на куќа. Вака ставаме фокус на дополнителна поддршка на градежништвото во Република Македонија, што ќе придонесе за поголема профитабилност на градежните компании и нови работни места во градежниот сектор, додаде Груевски.
Дополнителен услов за овој проект е само тоа што лицата треба да имаат до 35 години. Примањата на апликантите треба да бидат до 900 евра за поединец или до 1300 евра за брачните другари. Услов е и корисниците да не поседуваат друг стан или куќа, да бидат кредитоспособен барател и да немаат земено друг кредит за куќа или стан.
Новиот проект е наменет само за куќи, а средствата ќе бидат обезбедени од Буџетот за 2016. година.