Владата која не се грижи за здравјето на населението, мора да поднесе оставка и да одговара

Неуспесите на Владата за грижа кон јавното здравје во нашата држава не престануваат. По неуспехот да се справи со вториот бран на инфекцијата со ковид-19, а како резултат на тоа во нашата држава животот го загубија 2.953 граѓани, власта повторно потфрлува, овојпат во обезбедување вакцини за имунизација на населението, што е неминовна за ставање под контрола на инфекцијата, како и за намалување на смртноста, обвини коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Како што дознаваме од соопштението на Министерството за здравство, на крајот на овој месец може да дојде еден контингент со вакцини, што секако нема да го опфати ниту минималниот процент на населението, додека за општа имунизација многу е рано да ја очекуваме. Во меѓувреме, колку за информација, освен Косово и Босна и Херцеговина, сите други земји во регионот одамна започнаа со вакцинација на населението. Всушност, како резултат на недостатокот на капацитетите и неспособноста на Владата, продолжува да расте сметката што граѓаните на оваа држава ја плаќаат со своите животи, но и другите сериозни економски, социјални и психолошки последици. Како што можеме да се убедиме секој ден, Владата со она што не успеа да го прави докажува дека не може ниту да владее во државата, ниту да одржува и да гради здрави односи со нашите меѓународни пријатели и партнери“, наведено е во соопштението.

Оваа небрежност и неможност на Владата да им обезбеди вакцини на своите граѓани, наведено е таму, не е само случајност или неодговорност, туку е вина со сериозни последици, пред сè за здравјето на населението во оваа држава, но и за нејзината социо-економска благосостојба.

„Затоа, Владата која не се грижи и не го чува здравјето на населението, не само што мора да поднесе оставка, туку мора да одговара и за штетите што им ги нанела на граѓаните“, порачуваат од Алијанса за Албанците и од Алтернатива.