Владата контра претседателот – Косово нема да ги укинува зголемените даноци

Министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шаља, изјави дека претседателот Хашим Тачи не може да ветува укинување на зголемените даноци на производи од Србија, бидејќи тоа е владина одлука.

Шаља тврди дека зголемените давачки нема да бидат укинати додека не се отстранат причините поради кои мерката е воведена.

– Постојат причини зошто ние, како Влада, решивме да донесеме таква одлука. Давачките нема да бидат отстранети се додека не се отстранат и причините за нивното воведување – истакнал Шаља за „Газета Експрес“.

Шаља вели дека ако Тачи има такво барање, тој треба да го достави до Владата, а Владата ќе го разгледа и ќе донесе одлука.

Такво барање, додаде тој, досега Владата не добила.

Оценувајќи дека претседателот не знае што прави, Шаља вели дека „ова е сега работа на преговарачкиот тим на косовската Влада”.

– Кога ќе примите барање за укинување на зголемените даноци, а тоа значи елиминирање на причините зошто тие се воведени, тогаш јас како министер можam да сугерирам за нивно намалување – рече Шаља, додавајќи дека тој тоа засега нема да го стори.