Владата на Република Српска ненадејно го напушти „законот за странски агенти“

Владата на Република Српска во вторникот го повлече од собраниска процедура „законот за странски агенти“ со кој според критичарите планирала да воспостави строг надзор над невладините организации и кој наиде на критики од Европската унија и САД поради неговата наводна сличност со законските решенија кои се на сила во Русија.

Народната скупштина (парламентот) на Република Српска на својата редовна седница требаше да разгледа предлог-закон сличен на оној чие усвојување предизвика протести во Грузија, а министерот за правда на ентитетот Милош Букејловиќ ненадејно ги извести пратениците дека владата го повлекува тој документ од расправата.

Притоа, тој не понуди никакво посебно објаснување, освен што рече дека тоа е во согласност со деловникот за работа на парламентот.

„Законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации“ како официјален назив на тој документ предвидуваше воведување надзор над работата на сите невладини организации кои примаат какви било донации од странство. Би биле обврзани да се регистрираат посебно, да пријават податоци за сите лица кои работат кај нив.

На ваквите организации требаше да им се оневозможи каква и да е можност за политичко дејствување, а доколку не го почитуваат тоа, им се закануваше забрана за нивното дејствување.

Усвојувањето на ваков закон го иницираше претседателот на Републик Српска, Милорад Додик, а на него инсистираше и покрај критиките од ОБСЕ, САД и ЕУ, чија делегација во Сараево предупреди дека тоа е против аспирациите на БиХ за членство во Унијата и претставуваше кршење на стандардите на едно демократско општество.

Додик, пак, се бранеше дека всушност станува збор за закон по урнекот на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година кој уште е на сила и е осмислен да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во САД, кој налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и сите активности или финансирања поврзани со промовирање на споменатите интереси.