Владата на СДС и ДУИ и даде на тацна на Бугарија инструменти за неоправдана блокада, вели Милошоски

Во вечерашната емисија „За или Против“ на Алфа ТВ гостуваше потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Антонијо Милошоски кој што истакна дека штетата од потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија од страна на СДС и ДУИ е огромна и ги гледаме последиците.

„Генерално ситуацијата не е поволна, но ситуацијата која што ја имаме денес влече корени од потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија 2017 година од страна на тогашните премиери Заев и Бојко Борисов. Навреме предупредувавме дека потпишувањето на тој договор кој што носеше одличен наслов за добрососедство, но напротив, ќе предизвика многу повеќе проблеми за Македонија отколку што ќе понуди решенија и некоја корист. Од денешна гледна точка се потврдува дека сме биле во право но за жал нашите укажувања во изминатите 7-8 години не ја предомислија владата на СДС и ДУИ да потпише низа други поврзани со овој договор штетни протоколи, кој што ја носат оваа последица, Албанија да продолжи и да ги отвори преговорите за членство со ЕУ а Македонија да биде повторно блокирана од Бугарија затоа што претходната влада и даде на тацна инструменти за неоправдана блокада“ кажа Милошоски и додаде:

„Клучниот проблем е што Заев, Бојан Маричиќ, Османи, Груби и другите што ја креираа македонската надворешна политика во претходните 7 години прифатиле услов кој што не можат ниту самите да го исполнат. Тоа е услов за менување на Уставот и вметнување на Бугарите во Уставот. Во моментот кога го прифаќале овој услов немале двотретинско мнозинство и не говореле во име на сите граѓани. Вториот проблем и грешка е што прифатиле услов што не е поврзан со конечното членство на Македонија во ЕУ, туку е поврзан само со почетокот на преговорите што дури и да се случи ќе не внесе во една нова фаза на неизвесност да зависиме од доброто или лошо расположение на сегашната или идната влада на Бугарија“ истакна Милошоски.

Милошоски ја потенцира штетата од потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија од страна на СДС и ДУИ.

„Ваквите штетни договори за жал имаат долгорочни последици СДС и ДУИ ги потпишувале со надеж дека тоа ќе им даде уште година две или три владеење како гарнитура во Македонија но цената на потпишувањето на ваквите штетни договори е долготрајна и огромна“ истакна Милошоски.