Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира 34 милиони евра во Прилеп

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески денеска даде отчет за изминатите две години работа на Општина Прилеп, на кој присуствуваше и потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, кој искажа поддршка и задоволство од она што е сработеното до сега.

„Како политичка партија што стои зад мнозинството во советот и го кандидираше градоначалникот, сме исклучително задоволни од работата во општина Прилеп и сметаме дека она што се случува во изминатите две години е навистина позитивно“, рече Николоски .

Градоначалникот зборуваше за изминатите проекти. „Она што ќе биде наше основно ветување во кампањата која почнува за парламентарните избори е дека буџетот во дел на капитални инвестиции или расходи ќе се децентрализира и голем дел од средствата ќе се спуштаат директно во општините. Конкретно за општина Прилеп планираме во еден четири годишен мандат да се потрошат 34 милиони евра за капитални инвестиции или по година тоа е 8.5 милиони евра, рече Јовчески.

Додаде дека се тоа средства што градот никогаш претходно не ги видел, со кои што целосно градот инфраструктурно ќе се преобрази во инфраструктура во делот на водоводи, канализации, патна инфраструктура, изградба на плоштади, заштита на старо градско јадро или во делот на образование, изградба на училишта, предшколска возраст и изградба на градинки, примарна здравствена заштита, изградба на амбуланти и поддршка на докторите од примарната заштита, социјални грижи и слично.

„Во првите 100 дена ќе има силен интензитет на поддршка на стопанството и на домашните и странските инвестиции, а пред се на извозот затоа што ние сме мала држава и мораме да стимулираме е извозни фирми кои што ќе носат работни места и пари во Македонија. Овие три работи заедно ќе направат многу попријатно место за живеење. Сакам да искажам поддршка на градоначалникот Борче Јовчески, но исто така да му се заблагодарам и на претседателот на совет Проданоски, на пратениците Лашкоска и Ристески кои заеднички работат градот да оди напред. А, после изборите и со наша помош, ќе гледаме многу поголеми дела“, рече Николоски.