Владата им штети на односите на Македонија со САД и со Турција, со тоа што се обидува да ги злоупотреби дека стојат зад договорот со „Бехтел и Енка“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу изјавите на премиерот Ковачевски дека договорот со „Бехтел и Енка“ не е спорен туку е историски, истакна дека Ковачевски и луѓето од власта не дадоа одговор на ниту една дилема која ВМРО-ДПМНЕ ја покрена во јавноста. А, со тоа што сакаа да ги злоупотребат владите на стратешките партнери велејќи дека стоеле зад договорот, ѝ нанесоа огромна штета на Македонија и односите со САД и Турција.
„На ниту една дилема што јавно ја кажавме, не добивме одговор. Видовме две невистини и слушнавме две невистини. Првата се однесува на тоа дека зад овој договор стојат владите на два стратешки партнер на Македонија, САД и Турција, но јасно дојде демантот од амбасадата на еден од нив и јас ја уверувам јавноста дека ниту една влада во светот, освен оваа корумпирана, нема да посредува во склучување на договори во кои имаме билатерални релации меѓу два партнера. Тоа што се обидуваа во јавноста да ги злоупотребат нанесе штета и на државата, но и на нашите односи што ги имаме со овие стратешки партнера и затоа можеби за првпат во историјата на Македонија, амбасадата на еден од нив јавно реагираше и кажа дека ниту е запознаена, ниту пак учествувала во изработката на овој договор што јавноста сѐ уште го нема видено, а ние како ВМРО-ДПМНЕ го добивме од свиркачи“, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека уште една лага на власта беше тоа што кажуваа дека поголемиот дел од ангажираните работници ќе бидат од Македонија, но и самиот Ковачевски ја демантираше СДСМ прифаќајќи дека тоа не е така.
„Ќе продолжам понатаму за втората лага, а тоа е работната недела и бројот на работници. Потпретседателот Александар Николоски објави дијаграми во кои се гледа дека бројот на работници од Македонија нем да биде повеќе од 30%. Иако СДСМ тврдеше дека тоа не е точно, самиот Ковачевски ја демантираше СДСМ. Јавно го поставувам прашањето зашто тогаш ни е потребен ваков договор, зашто не ги викнале македонските компании? Имаме ние македонски компании кои граделе автопатишта и во регионот, но и подалеку. Зошто не ги викнале и под истите услови не им ги понудат на нив? Тогаш немаше да зборуваме за 51%, 30%, 70%, туку ќе зборувавме за 100% македонски компании кои што ќе учествуваа во изработката на овој, како што го споменува Ковачевски, историски проект“, подвлече Мицкоски.