Владата не се откажува од прогресивното оданочување

Во моментов само разговараме за евентуални реформи во даночната политика и немаме конкретен предлог од никого, ниту од Владата, но сепак се прават анализи затоа што мораме да се подготвиме за следните мерки. Сметам дека има поле за разумен разговор, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи откако вчера МАНУ предложи минимално зголемување на даноците за да се обезбедат повеќе пари во државната каса и да се намали јавниот долг.

– Секој предлог е добредојден ако оди во насока на подобрување на состојбите и квалитетот на живот на граѓаните, но Владата мора да внимава да не им создава поголем товар отколку што би добиле права граѓаните. Зголемувањето на даноците е еден вид на зголемување на приходната страна на Буџетот, но јас сум еден од тие кои уште од почеток на кризата укажа дека и во период на криза треба да продолжиме да се бориме со сивата економија зашто се покажа дека токму сивата економија беше еден од чинителите за поголемиот негативен ефект од кризата – рече Битиќи.

Ако сакаме државата да се грижи за секој подеднакво, посочи, треба да преземеме мерки сите да бидеме дел од системот, а тоа значи сите да плаќаме даноци, но и да чекаме државата кога е потребно соодветно да се погрижи за нас.

– Ќе ги разгледаме предлозите и ќе видиме што значат. Ако даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување велам зошто да не. Се покажа дека во кризата некои богати станаа уште побогати и заради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ако значи воведување нов данок за посиромашните велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено – рече Битиќи.

Кај данокот на имот, потсети, има предлог да останеме на истиот процент, но да се оданочи тоа што не се користи и влегува во делот на луксуз – втор, трет, четврт стан, …

– Категорични сме дека луѓето мора да платат за тоа што го имаат повеќе од тоа што елементарно им е потребно. Таму немаме разлики. Кај персоналниот данок не можеме бланко да кажеме дека прифаќаме, затоа што се стремам дека на одредени сектори треба да им се намали персоналниот данок и данокот на личен доход, затоа што само така ќе влеземе во сегментот на рестарт на економијата и земјава да ја направиме конкурентна на глобално ниво. Прогресивното оданочување може да значи решавање, но уште пред две години кажавме дека ќе разговараме и дека се менува пристапот на креирање политики и секоја политика ќе се води низ консултативен процес и многу порано ќе биде укажано кога евентуално ќе може да биде применета – додаде тој.

Тој рече дека што и да се случи ќе се случи за најмалку шест месеци од сега ако се постигне консензус со сите чинители за да можат да се приспособат граѓаните и стопанството.

За евентуалното воведување на данокот за животна средина посочи дека не е нешто што не се случило и во минатото.

-Ние имавме еден таков данок воведен во 2001 година кого го плаќаа сите и се укина после одредено време. Во 2020 година видовме како е да се живее со подобар и почист воздух. Продолжуваме да инвестираме поприлично во енергетиката и сакаме да живееме со скандинавски стандарди од аспект на животна околина. Можеби воведувањето на данок за животна средина може да биде сегмент кој ќе ни помогне на сите нас и на следните генерации, но сега само имаме легитимни размислувања на сите чинители. Некои доаѓаат како предлози од МАНУ, некои од стопанските комори, но се уште сме на ниво на консултации и како Влада немаме изградено став – потенцира Битиќи.