Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина, велат од Владата по соопштението од Грција дека преговорите продолжуваат за предлозите на медијаторот Метју Нимиц.
Како што велат од Владата со предлогот Илинденска Македонија се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект.
Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година, објаснуваат тие.
Во соопштението се вели дека Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција.
Владата на Република Македонија ќе ги продолжи разговорите со Владата на Република Грција се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави“, соопштија утринава од Владата.