Владата негира дека Заев одолговлекува со оставката

Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност, велат од кабинетот на премиерот  Зоран Заев по разните, како што нагласуваат, „неточни брифинзи“ дека планот на премиерот бил да ја одолговлекува оставката.

Посочуваат дека „во тек се консултации низ кои, органите на партијата, како и коалиционите партнери, со целосна поддршка од премиерот Заев, работат на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство се одржува стабилно, а со цел обезбедување Влада која го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата“.

Зоран Заев во неделата вечерта по големиот пораз по вториот круг од локалните избори објави дека поднесува оставка на премиерската функција и од лидерската позиција во СДСМ поради лошите изборни резултати, но истакна дека владината коалиција и парламентарното мнозство се стабилни и продолжуваат да функционираат.

Учесници на средбата на коалициските партнери на СДСМ во понеделникот вечерта брифираат за медиумите дека премиерот Зоран Заев инсистирал на ставот да си поднесе оставка на функцијата, но најверојатно ќе ја пролонгира за два месеца.

Помалите коалициони партнери на синоќешниот состанок наводно не успеале да го разубедат во намерата што ја најави на изборниот ден, но му предложиле и тој начелно прифатил, официјално оставката да ја поднесе кон крајот на годината или на почетокот на јануари. Наводно, тогаш во Брисел ќе донела одлука за давање датум за отпочнување на пристапните преговори.