Владата објави оглас за соработници за развој на концептот едно општество за сите

Македонската Влада на 162-та седница, одржана на 05.11.2019 година ја усвои Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам. Нејзината цел е да се подобри интеркултурната комуникација во Република Северна Македонија меѓу различните култури и заедници, како и преку неа да се спроведат препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

За таа цел се распишува јавен повик за пријавување на претставници на граѓански организации и заинтересирани лица за учество во Мрежа за евалуација на имплементацијата и изготвување на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, порачаа од Владата.

„На седницата одржана на 28.01.2020 година, Владата го назначи Координативното тело при КПВРСМ задолжено за следењето и известувањето за спроведувањето на Стратегијата и Акцискиот план. Ова тело врши координација на процесот на спроведување на Стратегијата за едно општество и интеркултурализам и ги планира идните активности. Во 2021 и 2022 година Владата ги усвои Информацијата со годишниот Извештај за реализирани активности за 2020 година односно за 2021 година и го разгледа и прифати Акцискиот план за спроведување за 2021-2022 година.  Спроведувањето, евалуацијата и изготвувањето на нова стратегија е во согласност со програмата на Владата, како и во согласност со стратешките приоритети на Владата за 2022 година. Во согласност со определбата на Владата на Република Северна Македонија за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, како и директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвување на стратешките документи, ќе се формира Мрежа составена од претставници на институциите и граѓанското општество, која активно ќе учествува во процесот на подготовка на Стратегијата. Во периодот од септември до декември 2022 година, Мрежата, преку разни форми на консултации, дискусии, анализи и учество ќе направи детален мониторинг и евалуација и ќе подготви насоки и препораки кои ќе се вградат во новата тригодишна стратегија. Работата на Мрежата ќе биде комплементарна со Координативното тело“, се вели во владиното соопштение.

Оттаму додаваат дека сите заинтересирани граѓански организации и лица кои сакаат да учествуваат во Мрежата, потребно е да се пријават со електронска порака на следната адреса, [email protected] , со објаснување дека со пријавувањето заинтересирание ќе треба да прикачат портфолио на граѓанската организација, односно CV (Curriculum Vitae) за физичките лица на македонски или на албански јазик.

Рокот за пријавување е до 30 август 2022 година (вторник), 16:00 часот.