
Премиерот Зоран Заев информираше дека постапката на договарање со „Макпетрол“ сѐ уште трае, но правно постапките во Државно правобранителство биле завршени, и се прават проценки со судско вештачење.
„Македонски енергетски ресурси (МЕР) и „ГА-МА“ ќе ги споиме и автоматски ги решаваме крупните прашања кои ни се обврска според Европската енергетска заедница, а и согласно Законот за енергетика донесен во мај 2018 година. Со едно такво решение, националниот оператор, преносувач, дистрибутер МЕР ќе може конечно да стане единствен сопственик и да го добие лиценците кои веќе ги има „ГА-МА“ или да аплицира за свои. На тој начин ќе може да пушти гас до тоа што е изградено Штип, Велес, Прилеп. И втората важна работа, ќе се овозможи да го продолжиме проектот со интерконекторот со Грција. Не може некој да биде ем снабдувач, ем дистрибутер“, додаде Заев.
„Макпетрол“ и државата водат спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот, повеќе од 12 години. Но пред неколку месеци, компанијата побара вонсудско решавање на деценискиот спор, а предлог-спогодбата државата ја имаше доставено до Државното правобранителство.